Промовирана монографијата „Македонски народен театар 1945-2025 драма, Приказни поголеми од времето“

Од:

Македонскиот народент театар отсекогаш бил повеќе од институција. Бил глас кога гласот е неопходен да се чуе, засолниште кога времињата биле кревки и огледало во кое општеството кристално јасно се огледува, понекогаш со гордост, другпат со болка, но секогаш со вистина. Со овие зборови денеска директорот на МНТ Никола Кимовски ја почна промоцијата на книгата „Македонски народен театар 1945-2025 драма, Приказни поголеми од времето“.

Станува збор за монографија која обединува текстови на наши истакнати теоретичари, професори, истражувачи, актери и режисери. Секој од нив, низ личен креативизам, создава полифонски портрет на МНТ.

Главна уредничка е Ивана Јарчевска, а автори на текстовите се: Ана Стојаноска, Снежана Коневски-Руси, Загорка Поп-Антоска-Андовска, Бранко Ставрев, Емил Рубен, Игор Џамбазов, Лилјана Мазова, Братислав Димитров, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Насев, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Звездана Ангеловска, Весна Петрушевска, Срѓан Јаниќијевиќ, Тања Кочовска, Синиша Евтимов, Искра Ветерова, Бојан Трифуновски, Сашко Коцев, Николина Кујача, Нела Витошевиќ, Сашка Димитровска, Нина Николиќ, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска и Борче Начев.

-Денес промовираме осум децении колоритни спомени кои сами по себе зборуваат, 80 години МНТ се приказни поголеми од времето, во кои сцената не е само место за изведба, туку простор на слободна мисла, љубов, емотивно соголување и трагање по смислата. Повеќе од 420 претстави, над 230 автори, стотици актери, режисери, сценографи, костимографи, кореографи, композитори, драматурзи, како и оние без кои театарот не може да постои – техничкиот и административниот тим, критиката и нејзиното височество – публиката. Но, овие бројки не се статистика, ова се животи посветени на уметноста, генерации што го чувале пламенот од првата реплика до последниот аплауз, истакна Кимовски.

Според него, во книгата не се запишани само факти, туку е напишана една цела колективна меморија.

-МНТ секогаш бил дијалог меѓу световите и треба да остане простор на храброст, истражување и авангарда. И се додека имаме уметници кои ќе застанат на сцената со искрена жар и публика што им верува, Македонскиот народен театар ќе продолжи да живее, рече директорот.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во своето обраќање нагласи дека МНТ бил и останал дом на уметничка слобода.

-Во различни времиња оваа сцена ни помагала подобро да го разбереме светот во кој живееме. Моја обврска како министер е да го штитам театарот, како актер моја должност е да му верувам, а како човек – да му се поклонувам. Ова издание нека биде тивок аплауз за сите што му го посветија животот на МНТ, потенцира Љутков.

Главната уредничка на монографијата, Јарчевска, посочи дека изданието опфаќа документирачки материјали, историја и лични приказни, спакувани во модерен и елегантен дизајн, потпишан од Зоран Кардула. Таа нагласи дека монографијата е истовремено документарна и интимна, спој на минатото и сегашноста, традицијата и модерноста.

-Монографијата не нуди класични театролошки податоци во форма на бројки, списоци или статистики, туку развој и патување низ МНТ, низ широк дијапазон на емоции и сеќавања, рече Јарчевска, додавајќи дека изданието почнува со текст за историјата на МНТ, по што следуваат 27 текстови што ги раскажуваат приказните на луѓето кои минувале и минуваат низ театарот – секоја вредна за запишување и помнење.

Со видео порака до присутните се обрати и драматургот Дејан Дуковски, кој проговори за личната и генерациска врзаност со МНТ. Тој потсети дека повеќе од три децении неговиот творечки и животен пат е нераскинливо поврзан со Македонскиот народен театар.

-Приказните ни се вкрстија – од академската сцена директно стапнавме на овие штици што живот значат, ги вкрстивме нашите приказни со тие пред нас и со оние што ќе дојдат по нас, истакна Дуковски, нагласувајќи дека приказната на МНТ е приказна што се живее, се споделува и заедно со театарот – се старее.

За актерот – првенец Ѓорѓи Јолевски, привилегија е и чест да се биде дел од МНТ, институција, која, како што истакна, повеќе од осум децении го обликува духот и идентитетот на општеството.

-Да се биде актер во МНТ значи постојан дијалог со времето, публиката и со себеси, при што бројните одиграни улоги стануваат дел од личната актерска меморија и трајно искуство споделено со публиката. Секоја улога беше дел од истото патешествие – патувањето кон вистината, не апстрактна, туку човечка и кревка, изјави Јолевски, додавајќи дека сцената е лабораторија на духот, место каде што мислата се претвора во тело, а телото во мисла.

Промоцијата на монографијата е дел од јубилејната програма по повод 80 години МНТ, која продолжува на 29 декември, кога на големата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски.

Монографијата е издадена со поддршка на Министерството за култура и туризам, а на денешниот настан присуствуваа голем број уметници и професионалци од театарска фела, пријатели и почитувачи на театарската уметност.

Би можело да ве интересира

„Ничија земја“ на МНТ ја освои Будимпешта и предизвика емотивна дискусија со публиката

Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја

Стоечки овации за актерите и за „Ничија земја“ на МНТ на фестивалот „Театар без граници“

Премиера на „Драга Јелена Сергеевна“ во вторник во МНТ

МНТ со претставата „12“ на фестивалот „Охридско лето“

Претставата „12“ на МНТ најдобра на МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката гласаше за „Слепци“ на Турскиот театар