Промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“

Од:

Во Археолошкииот музеј на Македонија денеска е промовирана книгата „Запознавање со минатото, археологија за деца“ од Анета Фиданоска.

Изданието содржи 12 теми, а преку впечатливите илустрации на Боркица Арсевска и раскажувачката способност на Фиданоска се претставени Големата мајка од Тумба – Маџари, наколната населба Заливот на коските кај Градиште, златната маска и златните предмети од Горна Порта, мозаиците од Хераклеа, крстилницата од Стоби, турската бања Даут пашин амам,…

Како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска промовирајќи ја книгата, оваа необична музејска читанка, не само децата, туку и возрасните ги води на едно далечно и возбудливо патување.

– Велат дека за успешно градење на иднината основен предуслов е да се познава минатото. Децата се нашата иднина и затоа од најрана возраст мораме кај нив да ја развиеме свеста за потребата од познавање, почитување и негување на културното наследство. Денес во светот се повеќе се обрнува внимание на збогатувањето на едукацијата за минатото на човекот, древните култури, нивните обичаи, навики, верувања, истакна Канческа-Милевска.

Според неа, четивото на Фиданоска ги расветлува мистичните длабочини на македонската историја во кои се пронајдени бројни артефакти, материјални траги и докази кои зборуваат за цивилизациите што опстојувале на нашето тло.

– Овој музејски водич ќе биде многу интересен за децата, преку него наставниот кадар ќе може да го збогати едукативниот процес. Уверена сум и дека на интересен начин ќе влијае врз развојот на креативноста и размислувањето на децата за нашето минато, за историјата што ќе биде поттик да ги посетуваат музејските институции во Македонија, нагласи министерката.

„Запознавање со минатото, археологија за деца“ е првенче на Археолошкиот музеј и се промовира еден месец од неговото отворање. За авторката Фиданоска, историчарка на уметност и кустос во Музејот, изготвувањето на книгата претставувало, како што напомена, голем предизвик, но и огромна одговорност, бидејќи е обид на најмладите да им се доближи и претстави една комплексна научна област.

Сите дечиња што присустуваа на промоцијата, од градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“ и од основните училишта „Блаже Конески“, „Живко Брајковски“ и „Невена Ѓеоргиева – Дуња“, добија книга.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал

Предраг Петровиќ

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат