Во НУЦК „Антон Панов“ синоќа беше промовирана книгата „Динамични слики“ од поетесата Билјана Ѓорѓиева Зринк од Струмица.
Најновата објава на Ѓорѓиева Зринк ја промовираше поетот Ѓорги Калајџиев, кој истакна дека секој индивидуален свет е дел од глобалното село, кое има свој исток, свој запад, свој север и свој југ.
– Секој од нас е во потрага по четирите страни на својот свет како заштитници од било какви надворешни влијанија. На тој начин го оградуваме просторот во кој го негуваме, збогатуваме и продлабочуваме нашето секојдневно битисување. Затоа, поетскиот свет на Билјана Ѓорѓиева Зринк ја заокружува својата територијална целовитост, истакна промоторот Калајџиев.
„Динамични слики“ е четврта книга поезија на Билјана Ѓорѓиева Зринк. Пртетходно ги има објавено „Одаи на душата“, „Мозаик“ и „Бура од убавини“.
Издавањето на книгата е овозможено со финансиска помош на министерството за култура, а издавач е Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.