Книгата „И јас ја сакам Македонија“ која има за цел промоција на личности кои успеале со својот личен и професионален развој да дадат значителен придонес во развојот на македонското општество, денеска беше промовирана во Скопје.
Книгата е издадена од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, со поддршка од Владата на Република Македонија.
Автори на книгата се Фатма Бајрам Аземовска, Севдија Демирова Абдулова и Станче Димковска. Во книгата се застапени биографии на значајни личности Роми кои дале придонес во развојот на македонското општество. Поместени се биографиите на Вели Мумин, Амди Бајрам, Бајса Арифовска, Васка Бајрамовска Мустафа…
– Ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество, рече на денешната промоција на книгата Димковска.
Таа додаде дека образованието е темел на сите вредности и основа за намалување на изолираноста и негативната перцепција од страна на другите.
Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ активно работи од 2004 година и во изминатите 10 години реализираше повеќе проекти со цел социјална, културна и економска интеграција на Ромите во Македонија.
Книгата е дел од проектот „И јас ја сакам Македонија“ поддржан од Владата кој минатата година беше одбележан со документарен филм кој се прикажуваше низ целата држава.