Промовирана книга за поврзаноста на Крлежа со Македонија

Од:

Македонската академија на науките и уметностите денеска одбележа 120 години од раѓањето на хрватскиот поет и раскажувач Мирослав Крлежа (1893-1981) и 100 години од неговата прва посета на Македонија (1913). По повод јубилеите беше промовирана книга со прилози од македонски и од хрватски автори, во издание на Фондацијата „Трифун Костовски“.

Ерудитот Крлежа или „Волтер на нашето време“, како што го нарекол академик Гане Тодоровски, бил голем пријател на Македонија и длабоко сочувствувал со обесправениот македонски народ, негувајќи кон него симпатии, отвореност и пресретливост. Во Скопје првпат дошол во 1913, за време на Втората балканска војна и Брегаличката битка, со која завршила воената пресметка помеѓу завојуваните страни што резултирало со конечна поделба на Македонија.

Претседателот на МАНУ, акад. Владо Камбовски, во својата реч истакна дека тоа Крлежа го доживеал како „судбоносен слом на јужнословенските народни идеали“.. и дека се што се случувало со македонскиот народ, како и со другите балкански народи, за него претставувало шокантен образец на општата човечка беда, до која може да се срушат високите претстави за човекот.

– Според компетентните оценувачи на неговото грандиозно дело, токму Македонија со нејзината трагична судбина, оставила силен печат врз неговиот животен став, изразен низ неговите дела. Македонија, што ја запознал Крлежа во најтрагичните периоди на нејзината и на балканската историја, сигурно го потсилила, а можеби и придонела за дефинитивно одредување на неговите внатрешни тревожни погледи на времето во кое живеел и творел, поради што и посветил внимание во повеќе свои дела – „Знамиња“, „In extremis“ и други, рече Камбовски.

Крлежа во Македонија дошол уште двапати – во 1937, по повод поставувањето на неговата драма „Во логорот“ во Народниот театар-Скопје, и во 1960 година кога имал средба со македонските писатели-модернисти.

Академик Влада Урошевиќ се осврна на последната посета на Крлежа на Скопје, во пролетта 1960 година, кога со своето влијание помогнал да попушти притисокот врз модернистите на списанието „Разгледи“ од страна на догматското крило на Партијата. Урошевиќ членувал во редакцијата, која побарала поддршка од Крлежа зашто во неговиот став македонските писатели наоѓале потврда за своите ставови за литературата и уметноста. Голем одек кај интелектуалците во Македонија, рече Урошевиќ, имал неговиот смел реферат насловен „За слобода на културата“, кој го прочитал на 3. Конгрес на писателите на Југославија, во Љубљана во 1952 година.

– Како своевиден отпор кон националистичката и државно-партиската диригирана уметност. Таму, со огромно задоволство читавме: „Да се пишува не значи да се опишува, ниту да се препишува. Да се пишува не значи да се опишува стварноста на животот, бидејќи кога пишувањето во книжевна смисла би било обично, едноставно пишување факти, тогаш секој писар би бил поет“, цитираше Урошевиќ дел од рефератот на Крлежа.

Академикот на МАНУ рече дека Крлежа не е само поет, драматург и раскажувач, туку ерудит и полиглот, чие творештво е енциклопедија на цела епоха – далеку надвор од хрватскиот национален простор.

Покрај тие три негови посети, врските меѓу Крлежа и Македонија биле постојани и многу македонски писатели имале средби со него во разни пригоди. Крлежа е и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1979, но високото признание му било врачено во неговиот дом во Загреб.

Со објавувањето на книгата „Мирослав Крлежа – 120 години од раѓањето, 100 години од првото доаѓање во Македонија“, Фондацијата „Трифун Костовски“ ја одбележа својата 16-та годишнина. Сопственикот Костовски рече дека првите години од основањето на фондацијата биле посветени на зачувување на македонското културно богатство, а во последните 3-4 години активностите се насочени кон вредности што треба да го зближат регионот затоа што, рече тој, нема напредок без меѓусебна почит.

– Нам, на обичните смртници, ни требаат просветители кои во одреден момент ќе ни ги отворат очите… Мора да сфатиме дека припаѓаме на овој еден и единствен, уникатен Балкан, додаде Костовски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска