Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше промовиран романот „Виенски Гамбит“ од велешниот писател Анде Јанков. Ова е втора книга на младиот автор кој планира да издаде најмалку три, а најмногу шест-седум продолженија.
Тоа е интигрантен, тензичен и непредвидлив роман кој читателот го држи во недоумица се’ до последната страница.
Авторот Анде Јанков за МИА објасни дека станува збор за трилер, крим и детективска приказна во која младиот 33-годишен инспектор од Одделението за крвни деликти од Скопје, Виктор Николов оди на одмор кај неговиот брат кој живее во Виена. Додека е таму, девојката на неговиот брат Даниел е пронајдена мртва и понатаму приказната тече да се открие убиецот, а неговиот брат нема алиби за време на убиството и се’ се испретплетува во романот и станува возбудливо и тензично…….
– Тематската целина на романот е за изборот кој го прават луѓето, а секој читател ќе си пронајде некоја сопствена порака, бидејќи романот истовремено третира и теми за нашите иселеници во странство, појасни Јанков.
Промоторот на книгата Денис Бојаров истакна дека Анде Јанков е еден од ретките писатели на трилер жанрот во македонската книжевност.
– Јас се радувам што овој жанр постепено се развива и кај нас, а кој е многу популарен во светот. Анде Јанков е наш домашен македонски автор кој овој жанр со овој роман и го донесува и на нашата читателска публика. Купувајте домашни производи, купувајте и читајте интересни романи од наши млади македонски автори. Овој роман потврдува дека и нашите млади македонски автори се водат рамо до рамо со своите млади колеги од светот, затоа вреди да се купи и прочита овој интересен и возбудлив роман, им порача на читателите Бојаров, за романот „Виенски Гамбит“ од Анде Јанков.
Промоцијата на книгата ја овозможи Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во соработка со Народниот музеј. Инаку книгата летово на 23 јули беше промовирана во КИЦ во Скопје.
Во зависност од ситуацијата во земјава, Јанков планира да го промовира романот и во други градови во земјава, а во план му е и негов превод на германски и англиски јазик.
Анде Јанков има 32 години, дипломирал на Еконосмкиот факултет во Скопје. Неговиот прв роман „Едно лето на Крит“ издаден во 2016 година во издание на „Култура“ е добитник на наградата „Романијада“. Живее на релација Скопје-Штутгарт, а моментално е во Велес, каде работи на својата трета книга, односно второто продолжение на „Виенски Гамбит“.