Марсејскиот атентат и убиството на југословенскиот крал со српско потекло Александар Први Караѓорѓевиќ е тема на романот „Патувањето на Петар Келемен“ од авторот Александар Сашко Кукулев, кој беше промовиран вчеравечер на 80-годишнината од историскиот настан.
Во книгата тој ги опишува настаните што му претходеле на атентатот, самиот атентат и потоа фаќањето на учесниците во атентатот, судењето и како завршил животот на секој од нив. Атентатори биле четворица – тројца усташи и терористот на ВМРО Владо Черноземски, кој бил со лажен чехословачки пасош и со лажно име (Петар Келемен), испратен како нивни инструктор по договорот на Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ.
Самиот настан има многу контроверзии, а авторот задира во две – кои биле други учесници во атентатот и кој им го донел оружјето на атентаторите во Марсеј зашто тие таму стигнале само со лажни пасоши. Биле истрелани 12 куршуми, а имало многу повредени луѓе во толпата за пречек на кралот. Покрај тоа, фатални за кралот, спред обдукцискиот извештај, биле два куршума во грбот, а Келемен (Черноземски) пукал директно во него во отворениот автомобил.
– Клучно во книгата е кои се мистериозните помагачи на атентаторите кои го донеле оружјето во Марсеј. Се повеќе се доказите дека еден од нив бил Петар, кој не бил никој друг туку Јозеф Амброз, подоцна попознат како Јосип Броз и најпознат како водач на југословенските комунисти. Тој лично им го доставувал оружјето на атентаторите, изјави Кукулев, додавајќи дека книгата ја пишувал како роман на кој може да му се верува или да не му се верува.
Со темата се занимавал околу 1,5 година и податоци собирал од весниците што излегувале во октомври 1934 година и од историски форуми.
– Во Македонија на рака може да се избројат луѓето што имаат основни познавања за атентатот во Марсеј и целосната вистина што точно се случувало ќе биде кога Франција ќе реши да ги отвори своите архиви. За официјалната историја убиецот е Владо Черноземски или Петар Келемен, но мора да се пронајдат останатите, рече Кукулев, кој е дипломиран професор по безбедност и финансиска контрола и овој роман е негово прво прозно дело.
Промоторите на изданието – Фердинанд Оџаков, Александар Стојчев, и Оливер Андонов, вчеравечер во Домот на АРМ, меѓу другото, се осврнаа и на историскиот контекст – геополитичките околности и односите на големите сили кои му претходеле на настанот, кои биле мотивите за тој акт и дали тоа било подготовка за настаните што следувале потоа.