Реконструираниот и вратен мозаик во Старата епископска базилика на археолошкиот локалитет Стоби денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
Мозаикот се наоѓа на површина од 150 метри квадратни, генерално со геометриски флорална декорација која е типична за тоа време, за 4 век.
Неговата конзервација почнала 1991 година од страна на Националниот конзервациски центар, а археолозите од НУ „Стоби“ почнале со доработка во 2012 година и сега е поставен во целиот свој сјај и раскош.
Министерката за култура појасни дека мозаикот е вратен на челична подлога, што е прво вакво решение за изолација од влага и надворешни влијанија во Македонија, но и пошироко.
– Под челичната подлога се гледаат и остатоците од археологијата во овој дел, кој е единствен крупен мозаичен зафат што долго време се работеше и по 20 години е вратен на старото место каде што постоел во епископската базилика, една од најстарите ранохристијански базилики кои датираат од доцниот 4 век и ќе биде достапен за јавноста, истакна Канческа – Милевска.
Со неговото враќање, смета дека ќе се зголеми и посетеноста на локалитетот Стоби, каде во 2014 се регистрирани над 14.000 посетители.
– Од исклучително значење за овој простор се и фреските кои се целосно конзервирани и очекуваме за брзо време да бидат вратени на старото место. Се планира за овој простор да се направи проект за покривна конструкција. Со директорката и стручните лица разговаравме за изработка на проектно решење и почнување изработка на проект со цел да се направи нова покривна конструкција и потоа да се вратат конзервираните фрески на местото каде што постоеле. Мислам дека овој простор навистина ќе има една специфична, автентична убавина со фреските и ќе даде можност за што поголем број посетители, изјави Канческа – Милевска по посетата на локалитетот.
Согласно годишната програма на Министерството, информира дека е предвидено во нартексот на епископската базилика да биде конзервиран мозаикот и да биде вратен со што целиот комплекс ќе биде завршен.
Во делот на конзервацијата на Античкиот театар, министерката Канческа-Милевска истакна дека целосно е завршена конзервацијата на источниот дел од гледалиштето, следува фаза за објавување тендер за избор на фирма која ќе ги постави мермерните плочи.
– Извршено е истражување на централниот коридор. Се планира да се почне со истражување и на горниот дел од гледалиштето, а ќе направиме и некоја динамика околу конзервација на другиот дел од гледалиштето каде има мермерни плочи кои поради долгото траење ќе треба да се извадат, да се конзервираат и повторно да се вратат. Имаме одредена динамика која ќе ја следиме во наредниот период со цел театарот да се стави во целосна функција, нагласи ресорната министерка.
Во Годишната програма на Националната установа „Стоби“ влезено е и уредување на музејската поставка, која ќе го уредува објектот „Стара железничка станица“, што се наоѓа од другата страна на локалитетот.
– Објектот ќе има неколку мултифункционални примени. Ќе има музејска поставка, повеќефункционална сала за семинари и слично. Лапидариумот во надворешниот дел ќе биде уреден што е предвидено да заврши оваа година. Во буџетот има обезбедено средства. Институцијата треба веднаш да почне со распишување тендери за изработка на проекти со цел „Старата железничка станица“ да се претвори во една прекрасна музејска поставка. Предвидена е изградба и на кафетерија за посетителите што ќе даде поголема можност да имаат простор да седнат и да одморат од прошетката, додаде Канческа – Милевска.
Директорката на НУ „Стоби“ Силвана Блажевска истакна дека мозаикот во Старата епископска базилика е значаен не само заради тоа што е дел од најстарата ранохристијанска базилика во Република Македонија, туку и заради својот уметнички квалитет, како и заради податоците што ги нуди во научна смисла.
– Мозаикот нуди нови научни сознанија во однос на фазите на поставување. Досега се знаеше за двете фази, а сега во старата епископска базилика се открива и трета фаза која се гледа и во мозаикот и во фреските кои планираме во скоро време да ги поставиме. Мозаикот е генерално со геометриски флорална декорација која е типична за тоа време, за 4 век. Во медалјони се среќаваат молитви, се среќава монограм на Христос, а најзначајниот податок што во едно мозаично поле се среќава натпис со име на епископ кој ја открил базиликата, а не го знаевме претходно. Натписот гласи: „Светата црква се обнови во времето на Пресветиот епископ Естатиј“, појасни Блажевска.
Таа изрази надеж дека следната година ќе почнат со уредување на најпознатиот мозаик со пауни во крстилницата.
– Тоа ќе придонесе во презентација на локалитетот, збогатување на туристичката понуда, а со тоа и во рехабилитацијата на локалитетот, но и исполнување на зацртаната цел да дојдеме до одреден степен на самофинансирање, рече Блажевска.
Ретко се случува мозаикот да биде обработен таму каде што е најден. Најчесто треба да се извади од подлогата да се исече на ситни парчиња, овој беше исечен на 72, кои беа однесени во лабораторијата. Се чисти позадината од стариот уништен малтер, се лие нов малтер, а сега користиме нова метода поставување на мозаикот на алуминиумско саќе кое обезбедува совршена заштита од влага и механички оштетувања, а потоа парче по парче се враќа и се составува.
Над Старата епископска црква, според археологот Митко Тутковски, имало и други мозаици, кои се извадени и со продолжување на ископите е дојдено до неа. Тој појасни дека поради атмосферските влијанија и влагата може да дојде до повторно оштетување на мозаикот, затоа се решиле да го постават на челична конструкција, која ќе овозможи проток на воздухот за негова изолација.
Археолошкиот локалитет Стоби располага со површина од околу 1.600 метри квадратни во различни градби.