„Државата на благосостојба, и по неа“ уредена од Том Г. Палмер претставува збирка на есеи посветени на опрeделeна форма на политичко уредување и организирање на држава, актуелнa во 20-от и 21-от век.
Книгата, како што соопшти Либертаниа – Центар за современа политика, може да се симне во електронска верзија на следниот линк, додека во печатена форма ќе излезе во текот на наредниот месец. Уредник на преводот е Никола Илиевски.
Книгата е составена од девет есејски текстови, структурирани во четири дела, секој од нив посветен на аспект од појавата, функционирањето, како и проблемите со кои се соочуваат денешните држави и нивните економии. Појавата на државата на благосостојба, како држава која треба да се грижи за благосостојбата на своите поданици, е лоцирана во Бизмаркова Прусија, која првпат го адаптира овој модел на држава, а наскоро беше преземен, речиси од целиот свет. Но, како таква, државата на благосостојба се соочува со сериозни проблеми.
Првиот проблем е од морален (етички) карактер, затоа што секоја широка држава (каква што е онаа на благосостојба) навлегува длабоко во човечката слобода и воспоставува зависен патерналистички однос со поединците. Вториот е од економски (утилитарен) карактер, и се однесува на нејзината нефункционалност и неспособност за испорачување економски резултати.