Во Кинотеката на Северна Македонија вечер ќе биде промовирана збирката раскази „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска.
Книгата е објавена во едиција на Проаза на издавачката куќа Или-Или, а за книгата ќе говори Калина Малеска.
-Книгата „Во главата слушам песна“ (лирски рефрени) е збирка од 49 кратки текстови кои функционираат на повеќе нивоа. Од една страна, тие можат да се читаат како кратки, речиси микро раскази, со наративна структура, но и со силен лирски призвук. Лириката во нив е надополнета со музичката подлога врз која се градат (или на која асоцираат), преку музичката нумера, „лирскиот рефрен“ цитиран под секој од нив. Од друга страна, овие текстови се и интимни, речиси дневнички, автобиографски записи од животот на авторката, сеќавања од нејзиното детство, од нејзиниот живот и од животите на нејзините блиски (родителите, децата). Напишани се најчесто во прво лице, па од трета страна, делуваат и како интимен дневник на размисли, слики и звуци, надополнет со песнарка (доколку читателот реши не само да го чита, туку и да ги слуша цитираните нумери). И на крај, обраќањето во второ лице, до родителите, до децата, до љубовниците и пријателите, овозможува овие текстови да се читаат и како писма до блиските (и оние живите и оние мртвите), во кои авторката зборува за споделените импресии, заедничките искуства и емоциите. Напишана на прагот на педесеттата година на авторката, книгата е и една фрагментирана биографија, рекапитулација на некои настани, слики и звуци кои оставиле најдлабоки траги на нејзината личност, наведува издавачот.
Елизабета Баковска родена во 1969 година, дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика.
На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.