Промоција на третата збирка поезија „Инкубација на песната“ од Маја Којчева – Величкова ќе се одржи вечер на Спомен костурницата во Неготино.
Маја Којчева-Величкова е родена во 1983 година и живее во Неготино. Од најмали години омилени ѝ се „игрите со зборот“, па како резултат на тоа во 2002 година ја објавува својата прва збирка поезија „Блесокот на сончевината“, чии рецензенти се писателите Томе и Тамара Арсовски.
Со нејзината втора збирка „Јас vol. 2 – Мравка“ (2010), каде рецензенти се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и проф. д-р Јасна Котеска, влезе во потесниот круг за добивање на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2011 година.
Таа беше дел и од литературно читање на млади автори во Друштвото на писателите на Македонија (ноември, 2011), а нејзина поезија е застапена и во алманахот на поетскиот клуб „Мугри“ (2004, 2005, 2006), во литературното списание „Стожер“, „Акт“, „Ш“, „Синтези“, „Бранувања“, како и на веб-страницата на меѓународното Движење 100 000 поети за промена и Движењето за мир.
Авторката е застапена и во Антологијата на најмладата македонска поезија „Ветерот носи убаво време“ (2012), како и во Антологијата на авангардна поезија (2013).
Добитник е на неколку литературни награди и признанија меѓу кои и наградата „Илинденска повелба“ за литературно творештво.
Особено е горда на членството во жири-комисиите за конкурсите „Моето поинакво другарче“ и „Компјутерот, мојот прозорец кон светот“.
Има објавувано статии и текстови во „Вечер“ и билтенот на „Скопско лето“, а се појавува и како уредник и автор на текстови за веб-страницата „Кафе пауза“.
Во 2012 година успешно ја одбрани магистерската теза „Постмодернизмот и македонското женско писмо“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.