Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар вечер ќе бидат промовирани три книги хаику поезија на Искра Донева – „Скакулче игра плочка“, „Татко“ и „Лазарополски хаикуа“.
Организатор на промоцијата е здружението „Нова искра“ посветено на мотивација за поисполнет живот на сите луѓе, особено на лицата со физичка и ментална попреченост. Негова активност е и хуманитарна акција за собирање средства за медицински третман со матични клетки и подобрување на егзистенцијалните услови на Искра Донева.
Нејзините поетски книги ќе ги промовираат писателите Александар Прокопиев, Владимир Мартиновски и Жарко Кујунџиски, а стихови ќе интерпретира актерката Арна Шијак. Настанот ќе биде музички збогатен со настап на етногрупата „Љубојна“.