Промоција на стихозбирката „Фламенко утопија“ од Надија Реброња

Од:

Во МКЦ вечер во 21 часот ќе се одржи промоција на стихозборката „Фламенко утопија“ од српската авторка Надија Реброња.

Надија Реброња е родена во Нови Пазар, Србија во 1982. Таа е поетеса, есеист и книжевен критичар. Докторирала книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Предава литература на Државниот универзитет во Нови Пазар. Поезијата ѝ е објавена во списанија и зборници во странство и преведена е на неколку светски јазици (англиски, шпански, италијански, француски, германски, полски, турски, персиски, арапски, македонски и словенечки).

Со поезијата од нејзината книга „Танц по морињата“ во италијански превод, 2016 година, направени се осум композиции на Конзерваториумот Николо Пицини во Бари, коишто беа претставени на неколку концерти во Италија, во Данска и во САД. Како истражувач-научник престојувала на Универзитетот во Виена (2009) и на Универзитетот во Гранада (2010-2011). Како предавач одржала неколку предавања на универзитетите во Панама на шпански јазик. Добитничка е на Признанието за поезија од градоначалникот на градот Пенономе во Панама.

„Надија Реброња напиша многу необична и вонредна поетска книга. Не обична, затоа што „Фламенко утопија“ е еден вид внатрешен поетски патопис, во кој не се патува низ просторот, туку низ културата, и се ѕирнува во човечките души, за да се наслушне нивниот егзистенцијален копнеж по Смислата. Затоа ова е поетски патопис, напишан со душите на другите луѓе, а шпанскиот простор, идентитет и култура во него транспонираат во поетски слики и метафори во посебна емотивна состојба, при којашто туѓото станува свое низ слоевитиот идентитет на лирскиот субјект. Лирското многугласје, како карактеристична интеркултурна стихозбирка, е вистински книжевен настан во неодамнешната книжевна пракса.“ ̶Енвер Казаз

„Овие исповедни субјективитети ни се посочени во светло на декомпонираните слики од секојдневието, со што се добива впечаток дека стиховите се напишани со филмски ракопис, дека се како слики направени со филмска камера. Поетесата речиси кинематографски прецизно успева да го долови моментот и иако споредбата не е невообичаена, со еден вид поетски кино-стил таа многу се доближува до поетиката на еден голем творец во областа на филмската уметност – до поетиката на Вим Вендерс.“ – Ивана Мијиќ Немет.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот