Промоција на романот „Врамување во пустелија“ од Гоце Ристовски

Од:

На саемот на книга во „Матица“ демеска напладне ќе биде промовиран и со попуст ќе се продава романот „Врамување во пустелија“ од Гоце Ристовски. Книгата е објавена пред неколку месеци, а ова е нејзино прво претставување пред поширока публика.

Авторот Ристовски ги отфрла обвинувањата според кои книгата ја напишал по нарачка, дека жигосува истакнати македонски револуционери, а велича предавници на македонскиот народ или дека е памфлет против опозицијата, поради што Здружението на борците на НОБ побарало нејзино повлекување.

Обвинувањата доаѓаат од луѓе што не го прочитале романот и се цитираат мисли извадени од контекст, а тоа му штети на делото, на литературата и уметноста воопшто. Не станува збор за никаква документарна проза или некакво биографско дело. Се работи за литературна фикција, за дело кое експериментира со структурата на романот, кое се обидува да ја поништи категоријта време, преиспитувајќи ја суштината и значењето на уметничкиот творечки чин, тргнувајќи притоа од две значајни македонски драмски дела „Црнила“ и „Суд“ од Коле Чашуле, истакната вертикала во македонската современа литература. Делото ги преиспитува човековите страсти, страдања, вдахновенија и креации: стравот, гревот, храброста, простувањето, искупувањето…, истакнува авторот Ристовски.

Писателот Славе Ѓорѓо Димоски посочува дека станува збор за едно време и за една тема која, како што вели, полека, но сигурно, се наметнува кај една, веќе средновечна писателска генерација и станува опсесивна. Според него, авторот на оваа книга „од високо место го актуелизира прашањето за македонската трагедија. Лична и општа“.

Се отвора широк простор литературно да се согледа и да се анализира времето кое беше врамено во една идеолошка усвитена рамка и го насочуваше едностраниот поглед обременет од крајно декларирана безочност на „високата“ политичка баласт. Всушност, Гоце Ристовски, преку еден невообичаен романескнен концепт ни предочува една матрица за постојаноста на вистината на зборот… Дури и самата структура на романот е еден круг од кој, не само што нема излез, туку постојано ти го забрзува кружењето проблематизирајќи два значајни историски периода кои сами по себе се трагични за нашата историја: времето на меѓусебните атентати на членовите од Организацијата – преку успешните алузии на ликовите од делото на Чашуле – и поствоениот период на идеолошко чистење во единствената партија на власт…, додава Димоски за книгата „Врамување во пустелија“ на Гоце Ристовски.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска