Романот за деца „Што сонуваше Дедо Мраз“ од Билјана С. Црвенковска денеска ќе биде промовиран во Бугат Бистро во Скопје Сити Мол.
Модерната бајка за децата на едно многу помодерно време, го соочува најсаканиот новогодишен лик со предизвиците на новата ера и се обидува да даде одговор што се случува со неговиот свет во време кога наместо класична, децата користат електронска пошта, кога од свет на чудата и фантазијата, нашиот станал свет на бизнис-зделки и материјална заработка, кога меѓу самиот Дедо Мраз и неговиот син постои опиплив генерациски јаз…
Со подновени алишта, осовременет и во кругот на едно сосема ново семејство, Дедо Мраз е впуштен во една постмодерна авантура во која игривите алузии и метанарации ниту за миг не ја загрозуваат трогателната порака на авторката на книгата „Да, сè уште постои“ писмо до сите оние кои наивно веруваат дека комерцијализацијата на меѓусебните човечки односи ги засега и најинтимните и најнежни детски сништа.
Билјана Црвенковска е магистер по филозофски науки, преведувач и уредник. Автор е на книгата „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе трудови, меѓу кои и „Филозофија на неискажливото: обид за разјаснување на Семиотиката на Тишината кај Бекет“ и „Апсурдот и антиутопизмот во драмите на Коле Чашуле“. Ова е нејзин прв роман за деца.
Промотор на романот, во издание на Либи, дел од Арс Ламина публикации, ќе биде ќе доц. д-р Владимир Мартиновски.