Вечерва во 19 часот во големата сала од Центарот за култура во Кичево, ќе бидат промовирани двата најнови романи на Олиера Ширгоска„ Исповед“ и „Прекрасен странец“.
–Двата мои романи што излегоа од печат пролетва се резултат на пандемијата и предолгото слободно време кое го поминувавме во домот. Романот „Прекрасен странец“ го започнав пред три години и со мали прекини го завршив годинава. Главниот акцент во овој роман е моето членство и другарување во здружението Вешта жена и романот претставува спој на љубовен и семеен роман каде главни хероини се мајките на девојчињата, каде се опишува животниот пат на едно девојче исполнет со падови и подеми, и живот кој ќе донесе и неизмерна радост, подвлече авторката Ширгоска.
Таа за вториот роман„ Исповед“ , нагласи дека е резултат на незадоволството на родителите кои се соочуваат со проблемот од зависност од коцка и игри на среќа кај младата популација која ги води на маргините на животот.
Ширгоска е автор и на романите„ Ања“, „Срце“ и „Скандал“, стихозбирките „Сиот мој блуз“, „Љубовен танц“, „Крилјата на љубовта“ и „Благослов“ и збирката раскази „Девојчето со стаклени очи“.
Рецензијата за овие романи ја напиша Викторија Алексоска, лектор е Ирена Игњатовска, додека дизајнот на корица е дело на Фламур Каса.