Во среда, 12 април, во КИЦ Скопје во 12.00 часот ќе се одржи промоцијата на сликовницата за деца „Прашалниците на Мирко“. Авторка на текстот и на илустрациите е македонската радио режисерка и писателка Зорица Георгиевска. На промоцијата ќе зборуваат Емил Ниами и Мишел Павловски.
Сликовницата „Прашалниците на Мирко“ од авторката Зорица Георгиевска на нов и креативен начин третира неколку важни теми од светот на децата. Иако станува збор за авторка која не е дебитант на македонската книжевна сцена, промовираната сликовница се разликува од сето досегашно нејзино творештво. Книгата претставува едно љубопитно момче кое на својата запрашаност пред светот не чека готови одговори: тој самиот, употребувајќи своја, специфична логика, одговара на прашањата кои не го оставаат мирен. Всушност темата на овие раскази е детската љубопитност. „Прашалниците на Мирко“ наместо да се заоблени (да бараат готови решенија) се остри и буцкаат, па не му даваат мир, од што произлегуваат сите натамошни решенија на поставените прашања.
Зорица Георгиевска (1937) е радио режисерка, авторка на повеќе радиодрами за деца и за возрасни, една книга прозни записи „Од другата страна“ и една книга сценарија објавени и под наслов „Две сценарија за филм“.
За Македонското радио има режирано повеќе од 200 радио драми. Режирала и за повеќе радио центри во бившите југословенски простори и во Словачка. Остварила значаен број актерски улоги во македонската радиодрамска продукција и во значајни играни програми во МРТВ.
Добитничка е на повеќе награди за радио режија на фестивалот „Недела на Радиото“ во Охрид и на различни конкурси за радио драмски дела во Македонското радио.
Како искусна режисерка, во последните десетина години од својот работен век експериментира во областа на радиофонијата и со посебен успех го промовира циклусот „Ехото на поетот“, јавувајќи се како интерпретатор, сценарист и режисер на издадени поетско-музички дела работени врз стиховите на познати македонски поети како Коста Рацин и Ацо Шопов.
По пензионирањето продолжува со пишување. По повеќегодишен прекин, повторно се враќа на книжевноста. Она што е изненадувачки е дека во својата 80 година ги прави своите први цртежи, со нив предизвикува внимание во околината, а пошироката јавност имаше можност да ги види нејзините цртежи преку реализација на изложбата „Небото над Идила“.