Не треба да го поправиме нашето јазично поведение, туку да се освестиме како разговараме. Ова е пораката која ја испратија авторките на онлајн промоција на книгата „Прагматика јазик и комуникација“.
Како што соопшти издавачката куќа АРС Либрис книгата е дело на Марија Кусевска, доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Штип и Елени Бужаровска, професор на Филолошки факултет, Скопје.
– Целта на ова дело беше да ја претставиме прагматика и да ги освестиме луѓето што значи и дека во секој чекор и секоја секунда во секојдневието ние ја користиме прагматиката, а не сме ни свесни за тоа. Без неа не можеме да опстанеме во нашиот живот. Идејата беше да ги посочиме тие скриени прагматички принципи, правила и систем за кои не сме свесни, истакна Бужаровска.
Модератор на промоцијата беше уредникот на книгата Ведран Диздаревиќ, а свое обраќање имаше и рецензентката Маја Бојаџиева, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“, која посебно ги обработи и објасни сите 10 поглавја од изданието.
Според авторките, делото не е конципирано со цел да биде стручно, туку да биде достапно и разбирливо за сите читатели, за да се зголеми свесноста за тоа како го користиме јазикот во секојдневието, но и во професионална средина, на работното место и слично.
– Кога ќе се сретнете со друг јазик и друга култура тогаш навистина станувате свесни за разликите во комуникација. Македонците се многу директни во пристапот додека таму работите се кажуваат на многу позавиен, индиректен начин. Прагматиката не е теорија, туку е практика, и верувам дека многу професионалци од сферата на маркетингот, бизнисот и луѓе на кои им е важна деловната комуникација ќе можат да најдат корисни информации. Нашата идеја не е да менуваме, туку да придонесеме кон зголемување на свесноста за значењето на прагматиката. Честопати ќе се слушне терминот манипулација, но тука не станува збор за манипулација, туку дали да се каже нешто директно или индиректно, појаснува Кусевска.
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.