Книгоиздателството МИ-АН вечер од 19.19 часот во Салон 19,19 во Културно-информативниот центар ќе ја промовира книгата „Поезијата и возвишеното“ од Иван Џепароски, поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач.
Предмет на оваа студија се современите македонски поети и нивната поезија преку ново теориско исчитување засновано врз критичките методи и толкувања.
-Џепароски нагласува дека нема намера „да изгради своевидно ‘македонско возвишено’, туку единствено посакува да ги лоцира манифестациите на возвишеното во поодделните поетски опуси“ кои му се блиски по сродност. Особено се интересни и оригинални автореференцијалните согледби на сопствената поезија (и поетика), кои се мошне луцидно инкорпорирани во структурата на целиот текст, а не само во финалниот блок текстови. Оттаму, „Поезијата и возвишеното“ е студија за возвишеното во поезијата, но и студија за сопственото поетско искуство во оваа сфера, соопшти МИ-АН.
Иван Џепароски (1958) дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што магистрирал и докторирал. Автор е на 28 книги, од кои речиси половината се од областа на естетиката и на културната теорија.