Петтиот број на активистичкиот уличен магазин „Лице в лице“ ќе биде промовиран денеска во во просторот на Безистенот, „Галерија 8“ – Стара скопска чаршија, како дел од одбележувањето на Светскиот ден на животната средина.
На промоцијата ќе биде отворена и изложба на најуспешните фотографии од фотоконкурсот „Една фотографија-илјада зборови“, кој „Лице в лице“ го организираше во соработка со Платформата за креативни индустрии „Скопје креатива“. Ќе бидат објавени и наградените автори и дела од оваа изложба, кои ги избра жири во состав Томислав Георгиев, фотограф, Вук Митевски, ликовен уметник и филмски работник и Игор Ивковиќ, театарски режисер.
На првонаградениот автор „Скопје креатива“ ќе му обезбеди самостојна изложба, а сите наградени ќе добијат вредносни награди од „Никон“ и акредитации за следење на Меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „Македокс“. Промотори на новиот број ќе бидат уметникот Игор Тошевски, ракометарот Наумче Мојсовски и радио водителките Ана и Билјана од „Метрополис мрежа“.
Промоцијата е во рамки на одбележувањето на 5-ти јуни, Светскиот ден на животната средина, а Центарот за медиумски активности (ЦМА), кој е издавач на списанието, преку „Лице в лице“ се вклучи во глобалната прослава. Годинашната тема „Мисли. Јади. Зачувај“ и е посветена на храната, остатоците и фрлањето на храна и како да се превенира нејзиното губење.
Според податоците изнесени на сајтот на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), една третина од целосното производство на храна низ светот се губи и се троши во конзументскиот систем, што изнесува околу 1,3 милијарди тони. Во поразвиените земји, трговците на мало и конзументите фрлаат околу 300 милиони тони, што е речиси половина од храната што се троши во овие региони. Влијанието на нејзините остатоци не е само финансиско.
Од аспект на животната средина, скапаната храна доведува до нерационална употреба на хемикалии како ѓубрива и пестициди, поголемо користење горива при транспорт на поголеми далечини, повеќе расипана храна, која пак создава повеќе метан – еден од најопасните гасови кој влијае на климатските промени. Метанот е 23 пати посилен од јаглерод диоксидот. Огромното количество храна која завршува на депониите уште повеќе влијае на глобалното затоплување.
Тема на новиот број се овие прашања, а освен тоа, во магазинот е објавена и приказната за олимпијката која го продава „Лице в лице“- Марица Милошева, професорката Јасна Котеска пишува есеј за суштината на протестот, професорот Дејан Донев за еколошкиот активизам, а Светлана Слапшак за гостопримството.
Објавена е и фоторепортажа на темата солидарност од фотографот Драги Неделчевски, сторија за заживувањето на селата и примерот кој група уметници, предводени од Сергеј Андреевски во Слоештица, потоа приказна за малите места кои носат големи промени, како Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, инспиративен пример на младата Магде која е голема поддршка на продавачот Ерџан, а ги пренесуваме и тајните и вештините на Јасмина Главинче и нејзината садлива хартија.
Новиот број ги разгледува и моделите на образование, објавено е и предупредување од еколозите за опасностите од депониите на некои индустриски капацитети, како и блог на амбасадорот на Шведска во земјава, Ларс Вахлунд.
Новиот број ексклузивно донесува и приказна за пресадувањето органи – текст од германскиот уличен весник „Бодо“ кој го објавуваме благодарение на членството на Меѓународната мрежа на улични весници ИНСП, како и текстот за „Рециклираниот оркестар“ кој во моментов собира пари за турнеја, и репортажата од Индија.
Со првите сто промотивни примероци на „Лице в лице“, за читателите има и подарок, обележувачи за книги од рачно изработена садлива хартија кои ги направи Јасмина Главинче специјално за промоцијата на магазинот во рамки на Светскиот ден на животната средина и енергетско ефикасни шолји од ЕВН Македонија.
На промоцијата ќе има и продажна изложба на ракотворби на две уметници, Јасмина Главинче со нејзиното креативно студио „Визарт“ и Блашка Миева.