Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечер ќе биде промовиран романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски, добитник на наградата „Стале Попов“ за 2022 година. За делото ќе говори проф. д-р Кристина Николовска, фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски, а модератор на настанот ќе биде Братислав Ташковски.
-„Папокот на светлината“ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина, стои во одлуката на жирито за наградата „Стале Попов“ за 2022 година.
Андоновски е трикратен добитник на ова признание, прв пат во 2001 година за „Папокот на светот“, а во 2012 година за романот „Ќерката на математичарот“. Тој е еден од најчитаните и најизведувани македонски драмски автори во последниве две децении. Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои и на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски. „Папокот на светлината“ (издание на ТРИ) е неговиот петти роман.
Претставувањето на добитниците на најпрестижните награди на Друштвото на писателите на Македонија е долгогодишна традиција на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ги поддржува македонската книжевна продукција и македонските автори и преку нивно доближување до читателите.