Во Галерија 8 во Стара скопска чаршија, вечерва, со почеток во 20 часот ќе биде промовирана книгата „Од собата до Холивуд – сликата на жената уметник во биографскиот филм“ од Весна Дамчевска.
Книгата е во издание на издавачката куќа „Зојдер“ и на „Галерија 8“, а ќе ја промовираат Александар Прокопиев и Ана Мартиноска.
„Од собата до Холивуд” на Дамчевска е богато содржајна и провокативна студија со луцидни анализи и толкувања, обмислена со критичка, културолошка свест преку која се афирмираат две значајни теми – жената уметник и биопикот (биографскиот филм).
Весна Дамчевска е новинар, уредник, автор. Дипломира Интердисциплинарни студии по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 1998 година работи како новинар во културната редакција на дневниот весник „Македонија денес“ и во неделникот „Денес“, потоа во културната редакција на дневниот весник „Време“. Од 2008 година работи во реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, а од 2010 година ја уредува културната рубрика на „Нова Македонија“ и прилогот за култура, творештво и идеи „Лик“ во истиот весник.
Објавувала културолошки текстови и во стручни списанија и зборници („Книжевен контекст“ на Институтот за македонска литература, 2009 година, Скопје; „Театарски гласник“ на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, 2012, Скопје; зборниците „Нов танцов театар“, 2011 г. и „Патот на промените“, 2012 г. на културниот центар „Интерарт“…).
Во 2012 година магистрира на тема „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“ на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература. Редактор е на два прозни избора: „Бубамара на зрно калинка – 50 години Конкурс за краток расказ на Нова Македонија“ (Скопје, 2010 г.) и „Антиупатства за лична употреба“ на Александар Прокопиев (Скопје, 2012 г. избор), изданија на „НИК Нова Принт“.