Владимир Лукаш, во книжарницата на Литература денеска ќе ја промовира новата сликовница „Ши, ѕифри, копчи“. Промоцијата на книгата ќе биде проследена со музичко „читање“ на Лукаш, кој во придружба на својата гитара, ќе изведе дел од песните застапени во „Ши, ѕифри, копчи“. Илустрациите се на Наталија Лукомска.
Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
– „Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставува одделен циклус со еднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси, сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се КОПЧИ-вечерните песни, кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден, велат од Арс Ламина.
Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.