Промоција на монографија за Милчо Манчевски

Од:

В сабота во 19 часот, во киното Фросина во МКЦ, ќе се одржи промоција на монографијата „Манчевски“ чиј уредник е филмската критичарка Марина Костова. Монографијата ќе биде промовирана на трибина на која за творештвото на Милчо Манчевски ќе разговараат актерката и продуцентка Лабина Митевска, филозофката проф. Катерина Колозова и авторката Костова.

Книгата има 650 страници, и е своевидно сеопфатно резиме на сред кариера на уметникот. Содржи десет есеи за разновидни аспекти на неговото творештво од светски реномирани филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност; содржи и голема збирка продукциски белешки, сториборди, писма, рецензии и интервјуа, како и теориски размислувања и проза на самиот Манчевски.

Издавачи се „Битсија“ и „Арс ламина – публикации“.

Книгата ќе биде достапна бесплатно на трибината, како и на бесплатните проекции на филмовите „Мајки“ (в сабота во 21ч) и „Прашина“ (в недела 21ч) во киното Фросина.

„Многумина го сметаат режисерот, фотограф, концептуален уметник и писател Милчо Манчевски за еден од најоригиналните и најиновативни уметници на денешницата поради уникатниот спој на експеримент, поетичност, емотивност и барање активно учество од гледачот во конструирање на значењето на делото. Неговиот опус е редок во светската кинематографија по уникатниот начин на игра со времето, просторот и емоциите“, вели авторката Костова и додава:„ Како што вели ирскиот уметник и критичар Конор Мекгрејди, опусот на Манчевски функционира како провокативен контрапункт на пасивност; неговата вистинска вредност лежи во способноста да го предизвика гледачот и да отвори разговор не само за филм, туку и за нашиот однос кон комплексната конструкција на опшественото и историско ткиво во кое престојуваме.“

Во монографијата, за спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“. Пред дождот го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во Пред дождот“. За Прашина пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на Прашина (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на Прашина во Венеција“. Катерина Колозова е автор на анализите „Сенки на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За Мајки на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“. За ликовниот опус пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“, и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“.

Промоцијата на монографијата е дел од манифестацијата „Снимај бе братучед, снимај – 4 дена со Милчо Манчевски“, во организација на Друштвото на филмски професионалци на Македонија.

Би можело да ве интересира

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Познатата заводлива русокоса изгледа сосема непрепознатливо

Предраг Петровиќ

Синот на Шварценегер за снимањето на „Белиот лотос“: Семејството се уште не знае за моите голи сцени

Предраг Петровиќ

Том Холанд ќе глуми во адаптацијата на епот „Одисеја“

А1он