Промоција на поетската книга „Вистинска вода“ на Владимир Мартиновски ќе се одржи вечер во галеријата на Младинскиот културен центар.
Новата поетска збирка на Владимир Мартиновски е трет дел од неговата тетралогија „Квартети“. Промоцијата на книгата е замислена како музичко-поетска интерпретација: музиката е на басистот Оливер Јосифовски, а стиховите ќе ги читаат авторот и поетот Ѓоко Здравески.
Владимир Мартиновски е роден во 1974 година во Скопје. Тој е поет, есеист, раскажувач, книжевен теоретичар и преведувач. Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. За поетската книга „Квартети“ добитник е на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. „Вистинска вода“ е негова седма збирка поезија.