Утре со почеток од 19:19 часот, во „Салон 19:19 – Културно информативен центар“ – Скопје, ќе се одржи промоција на новата книга „Среќен Мртовец“ на Марјан Анѓеловски. „Среќен мртовец“ е сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал. Од тој момент неговиот живот се претвора во пекол и борба со нефункционалниот државен систем, бирократија и административни лавиринри. Преку еден апсурден начин, во својата борба да докаже дека е жив, Живко го соголува до гола кожа државниот апарат и сите негови слабости.
Издавањето на книгата „Среќен мртовец“ е поддржано од Министерството за култура, како преокт од национален интерес од областа на литературната и издавачката дејност за 2022 година. Драмата „Среќен мртовец“ освои европска трета награда на „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година.
Промотор и рецензент на книгата е Снежана Стојчевска, а театарски перформанс во форма на драмско читање ќе имаат актерите од ансамблот на Алтернативниот театар „Отпишани“: Петра Ивановска, Јасмин Рамани, Ивана Стамевска, Сара Николовска, Огнен Велевски, Ристе Мицевски и Елена Ѓорѓевска.
Марјан Анѓеловски е роден во Скопје во 1987 година. Пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и театарски претстави, а работи и како сценарист во тв-емисии. Автор е на книгите: „Македонијо, off мори мајко“, „Го силувавме ежот“, „Животот е краток и нејасен“, „Колку убав погреб“ „Самоубиство во самоодбрана“, како и е коавтор на книгата „Три ем“. Застапен е и во неколку антологии на балканскиот и на македонскиот афоризам. Како сценарист има работено во телевизиските емисии „Фчерашни новости“ и „Еден на еден“. Неговите афоризми досега се објавувани во: Остен, Јеж, Носорог, Макс Минус, Вечерни новости, Политика, Пулс 24, Кооперација, и други весници, списанија и електронски портали низ Балканот.
Член е на реномираното друштво за сатиричари „БАК“ од Белград, Србија. Добитник е на една прва (2019 г.), една втора (2022) и три трети награди (2016, 2017, 2018 г.) на „Вечерта на македонскиот афоризам“ во Кочани, втора награда на фестивалот за сатира „Чивијада“ во Шабац, Србија (2017 г.), наградата „Стеван Сремац – Бал у Елемир“, Србија за избор афоризми (2020 г.), наградата „Млади Типар“ за најдобар млад сатиричар на поранешните ју-простори во Пљевља, Црна Гора (2017 г.), како и награда за најдобар драмски текст за претставата „Самоубиство во самоодбрана“ на фестивалот „Лектири Екс Ју“ во Прокупље, Србија (2021 г.).