За време на пролетниот саем на книги во Софија, поради голем интерес беше претставена книгата „Средби со ѓаволот“ од Сашко Насев, македонски писател и драматург и промоција на проза создадена од 1990-2020 година. Во изјава за дописникот на МИА од Софија, Насев кој е исто така и директор на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Бугарија истакна дека неговата книга „Средби со ѓаволот“ има за цел да ги развесели бугарските читатели.
На промоција на книгата присуствуваа и претставници на бугарската култура, писателот Алек Попов, украинската писателка Ана Баграина, поетот Димитар Христо, диригент Христо Христов, преставници од Британскиот совет, Чешкиот културен центар.
Издавачот на книгата, Пламен Тотев за МИА истакна дека книгата на Насев е интересна и главниот мотив е поврзан со продавање на душата на ѓаволот, што секогаш престставува интересна теорија на заговор.
-Пред се сум читател, а потоа и издавач и навистина ми се допаѓа тоа што се создава во Северна Македонија, особено во современата македонска литература од сите генерации, во кое се вклучени и етаблирани автори како Оливера Николова, Луан Старола, Владимир Плавевски и Блаже Миневски, автори кои се докажале многу децении, изјави Насев.
Тој ги коментираше активностите на КИЦ на Северна Македонија во Бугарија и посочи дека негова главна мисија е да ја приближи современата македонска култура до граѓаните на Бугарија.
Културниот центар, в понеделник ќе биде домаќин на две македонски писателки, Јагода Михаилова Георгиевска и Винка Саздова, а во текот на следните две недели Насев најави дека македонските писатели и уметници ќе бидат преставени во различни градови во Бугарија, Ловеч, Бургас и Пловдив.
Директорот на КИЦ, за МИА изјави дека при успешната посета на министерката за култура Ирена Стефоска, таа разговарала со нејзиниот бугарски домаќин, Венцислав Минеков за реализација на Програма за соработка во област на културата меѓу двете земји.