Во рамки на Фестивалот на европската литература „BookStar 2020“ вечер во кавадаречкиот Дом на културата „Иван Мазов Климе“ ќе се одржи промоција на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка Марта Димитров, родена во Кавадарци.
Книгата ќе ја промовира рецензентката Цветанка Колева, а модератор на настанот ќе биде актерот Диме Коцевски.
-„Шардоне и шпагети карбонара“ е навидум љубовен роман, во кој се вплеткуваат приказните за Миа и Милан како пријатели и за Ксенија како девојка на Милан. Освен случувањата околу овие две релации – пријателската меѓу Милан и Миа, и љубовната меѓу Ксенија и Милан, низ романот се отсликува и хобито на главната хероина како млада писателка. Вагајќи низа свои постапки, ликовите констатираат дека зрелоста нема врска со годините, туку со себенадминувањето во обидот да се спречат егото и ароганцијата. Но, истовремено ова е роман и за истрајноста во борбата со себе и своите демони, бидејќи, кога кршиме мразови, не треба никој да нè држи за рака затоа што се потребни двете раце и сета сила. Марта Димитров одлично психолошки ги портертира ликовите доловувајќи ги нивните најдлабоки дилеми и стравови. Умешно проникнува во срцевината на нивните проблеми и раскажува една убава и топла приказна за љубовта, пријателството, лојалноста, стои во описот на настанот.
Со оваа книжевна промоција, се додава, издавачката куќа „Антолог“ уште еднаш потврдува дека и во овие тешки времиња, ги поддржува младите македонски автори и нивните книжевни дела.