Вечерва, во Клубот ГЕМ, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „Пристоен живот“, антологија на лезбејски кратки раскази од просторот на поранешна Југославија.
Станува збор за шеста книга во едицијата „Квир сквер“ на издавачката куќа Темплум, која содржи 23 раскази од 15 авторки од земјите на поранешна Југославија, обединети околу лезбејската тематика. Стилски и поетички, расказите прилично се разликуваат, но кај авторките, иако негуваат различен сензибилитет, заедничка е свеста за важноста на чинот на пишување раскази на темава: согледувањето на положбата на ЛГБТ популацијата е еден особено важен вид на општествена ангажираност на писателките и писателите. Токму затоа една ваква антологија, особено во средини како македонската, е важна, нужна, дури и неопходна!
На промоцијата ќе се одржи разговор со писателките и активистки Драгослава Барзут, Уршка Стерле и Ирена Цветковиќ.
Настанот се одржува во рамки на Регионалниот лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“, организиран од „ЛезФем“ – Хелсиншки комитет за човекови права“, „Тиииит! Инк.“, „Бори се женски“ и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Во книгата „Пристоен живот“ застапени се следните авторки: Јелена Ленголд, Ламија Бегагиќ, Шејла Шехабовиќ, Олја Савичевиќ Иванчевиќ, Драгослава Барзут, Уршка Стерле, Ива Хлавач, Наташа Сукич, Лејла Каламуиќ, Јасмина Тешановиќ, Сузана Тратник, Ирена Цветковиќ, Румена Бужаровска, Благица Секулоска, Николина Андова Шопова.