Во Културно информативниот центар во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Низ темјанот еден лилјан“ од Сузана В. Спасовска, во издание на „Антолог“.
Воведна реч ќе одржи Светлана Камџијаш, а стихови од книгата ќе интерпретира македонската актерка Арна Шијак.
Сузана В. Спасовска е родена во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила три стихозбирки, „И љубов и заговор“, „Божествена жена“ и „Смртно писмо“, која е објавена и како е-книга.
Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во 2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија „Пурпурни извори“, во издание на Струшките вечери на поезијата. Пишувала и објавувала книжевно-теориски текстови во периодиката.