Промоција на книгата „Куферот на Хана“ од Карен Левин во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Од:

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија вечер во 19 часот ќе биде промовирана книгата „Куферот на Хана“ од канадската авторка Карен Левин. Книгата е дел од едицијата „Читанки“ и е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образува младите читатели за овој мрачен период кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ. На промоцијата за книгата ќе говорат Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“ и м-р Жаклина Мучева од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а воведно обраќање ќе има и Горан Садикаријо, извршен директор на Фондот.

– Пролетта 2000 година, директорката на еден мал образовен центар за холокаустот во Токио, Фумико Ишиока, добива една многу важна пратка за изложбата што ја подготвува. Меѓу другите артефакти испратени од музејот „Аушвиц“, пристигнува и еден празен куфер. На него стои испишано името на сопственичката: Хана Бради, 16 мај 1931, сираче. Децата кои го посетуваат Центарот во Токио, одеднаш имаат наплив од прашања: Која била Хана Бради? Од каде потекнувала? Како изгледала? Како станала сираче? Што ѝ се случило? Поттикната од љубопитноста на децата и од сопствената потреба да стигне до одговорите, Фумико се впушта во детективска работа, трагајќи низ светот по делчиња од сложувалката за животот на Хана Бради, информираат од „Арс Ламина – публикации“.

На 9 и 10 ноември 1938 година, во цела Германија и во делови од Австрија се случи Кристалната ноќ (или Ноќ на скршено стакло), чин на масовно прогонство на Евреите од нивните домови. Осумдесет и три години по таа кобна ноќ, преку промоцијата на наградуваната книга „Куферот на Хана“ од канадската авторка Карен Левин, се потсетуваме како почна погромот и злосторството врз Евреите низ Европа, се наведува во најавата за промоцијата на книгата.

Карен Левин (родена 1955 година) е канадска радиопродуцентка и писателка. За своите радиодокументарци „Изгубена невиност: Децата од Втората светска војна“ и „Убиство во соседството“ има добиено две награди „Пибоди“, во 1989 и во 2001 година. Повеќе од 30 години има работено за Канадската радиодифузна корпорација („Си-би-си“), со ангажмани на емисии како што се „Неделно издание“ (The Sunday Edition), „Како што бидува“ (As It Happens), „Будење“ (Morningside) и „Ова утро“ (This Morning).

Нејзиниот радиодокументарец „Куферот на Хана“ освои златен медал на Меѓународниот радиофестивал во Њујорк. Во 2002 година ја објави книгата заснована на тој радиодокументарец. Книгата стана интернационален бестселер и има добиено повеќе престижни признанија како: книжевната награда „Сиднеј Тејлор“, за повозрасни читатели, Наградата за книга на годината на Канадското библиотечно здружение за деца, наградата „Флора Штиглиц Штраус“ и Меморијалната награда на Исак Фришвасер, за детска литература. Влезе во потесниот избор за признанието „Норма Флек“ и за наградата на Генералниот гувернер, за литература за деца на англиски јазик. Книгата доби и театарска адаптација, во режија на Емил Шер, а за неа беше снимен и документарен филм, во 2009 година, „Во куферот на Хана“.

Книгата ќе биде достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а ќе може да се набави и за време на промоцијата.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска