„Матица македонска“ денеска ќе ја промовира книгата „Јавна и културна дипломатија“ од Васко Шутаров, која е резултат на долгодишен интерес на авторот за темата и истражување на таа област како претседател на собраниската Комисија за култура и како директор Културно-информативнот центар на РМ во Софија.
Книгата се занимава со повеќе прашања, меѓу кои каква е генезата на развојот на културната дипломатија од крајот на Првата светска војна, преку Студената војна, кои се перспективите на современите културни потфати во дипломатијата, посебно во ерата на забрзан информатички и технолошки развој, и какви се перспективите за заедничка културна политика и дипломатија во заедничкиот европски културен простор на ЕУ и каде е местото на помалите земји, меѓу кои и нашата земја на светската културна мапа.
– Јавната, а посебно културната дипломатија, веќе одамна се дефинирани како „мека, софистицирана моќ” во меѓународните односи – и како такви и јавно признаени и практикувани од највлијателните политичари и државници од втората половина на 20 век, до денешни дни. Авторот, подготвувајќи ја оваа студија, најнапред ги имаше во предвид културните практики на највлијателните земји во светот, анализирајќи ги културните политики во надворешните односи на преку 30 земји во светот, информира издавачот за книгата.
На промоцијата на книгата ќе се обрати министерката за култура Елизабета Кначеска-Милевска.