Промоција на книгата „(И)стории од долапот – избор од македонската народна еротика“ која ја подготви и за која напиша предговор Ана Мартиноска, издадена од Kнигоиздателство Ми-Ан ќе се одржи денеска во паркот пред КИЦ-Скопје.
Во книгата се презентирани македонски еротски приказни, песни, гатанки и пословици, со исцрепен предговор на проф. д-р Ана Мартиноскa.
– Книгата е значаен придонес во македонската фолклористика и претставува осветлување на овој не многу истражуван феномен од народната традиција, посочуваат од КИЦ-Скопје.
Книгата ќе ја промовираат, Лорета Георгиевска Јаковлева и Мишел Павловски, а извадоци од книгата ќе чита Предраг Павловски.
Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка и активистка за родова рамноправност.
Учествувала со самостојни прилози во бројни национални и меѓународни научно-истражувачки проекти, како и ја голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.
Мартиноска ги има објавено книгите: „Поетиката на македонските народни гатанки” (2002), „Голиот на гости – Антологија на македонскиот еротски фолклор” (2007), „Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања” (2008), „Конески и фолклорот“ (2012), „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014), „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ (2018) и „(И)стории од долапот: Избор на македонска народна еротика“ (2020).