Промоција на книгата „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска

Од:

На 5-ти мај, четврток, во 20.30 часот, во МКЦ-Скопје, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска. Ова е нејзината прва прозна книга со која таа ја доби наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ за 2021 година, година што ја доделува издавачката куќа „Темплум“.

Промоторки на книгата ќе бидат Фросина Крушкаровска и Мања Величковска, а извадоци ќе читаат Андреј Ал-Асади и Ивана Јовановска. По настанот ќе следува диџеј-сет на Кристијан Јордановски.

Освен на настанот, книгата е достапна и на штандот на „Темплум“ на тековниот Саем на книга од 03 до 09 мај.

Книгата „Глава што лебди“ се состои од четиринаесет раскази. Жирито што ја додели наградата (Андреа Делипапаз, Петар Андоновски, Фросина Крушкаровска), книгата ја оценува како претпазливо но смело ѕиркање отаде видливото, кое постои само како една од можните димензии.

„Лесниот и шармантен хумор природно и навидум случајно произлегува од игривите и неочекувани пресврти. Во него најмногу можеме да ги препознаеме жителите на Скопје и предизвиците во нивното секојдневие, пренесени со автоиронија и непретенциозност. Штом читателот ќе се раскомоти во удобноста на познатата приказна, таа ненадејно се преслекува во нешто друго. Ваквите игри Ангеловска ги прави меко и досетливо, обрнувајќи значајно внимание на психолошката градба на ликовите и на стилистичките финеси на текстот. Тоа често го прави со внесување на чудесното и фантастичното сред навидум реалистичниот текст“, стои во образложението за наградата.

Ангеловска покажува и интерес за луѓето на маргините, за чувството на оттуѓеност и неприпаѓање.

Нејзините раскази говорат за поимањето на светот преку детските очи, проблемите на современиот млад човек растргнат помеѓу очекувањата на општеството и родителите, предизвиците на врските, образованието, социјално-економска ситуација, стравот од минатото и иднината, од непознатото.

„Марија вешто си поигрува со концептите за стравот и страшното, јукстапозиционирајќи ги манифестациите на страшното фантастично и ужасите од реалноста во прозен контемплационен ‘двобој’. Всушност, преку сопоставување на ужасното секојдневно и ненадејно внесеното фантастично, Ангеловска успева да даде критика и да потисне усвоени стратуми на нашето однесување и соживот со другите“, вели Мања Величковска за книгата.

Марија Ангеловска е родена во 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување). Има предавано англиски јазик, преведувано, а повремено толкува на настани поврзани со културата во градот. Пишува проза, а понекогаш и поезија. Учествувала и објавувала раскази на конкурси во државата, а нејзини дела се застапени и во регионалната збирка „Рукописи 41“. Настапувала на Струшките вечери на поезијата и на настанот „100 илјади поети за промена“.

Би можело да ве интересира

Излезе од печат романот „Столб што пее“ од Томислав Османли

Ана Ололовска

Современиот класик „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес излезе од печат во издание на „Арс Ламина“

Ана Ололовска

Промоција на книгата „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски

Ана Ололовска

Пеца Поповиќ промовира три книги во Скопје

Ана Ололовска

Промоција на книгата „Приказни за деца и животни“ од Тихомир Јанчовски

Ана Ололовска

Промоција на книгата „Луѓенца“ од Лилјана Пандева

Ана Ололовска