Во мултимедијалниот центар „Матица екслузив“ денеска ќе се одржи промоција на книгата „Филозофија на балканскиот пекол“ од проф.д-р Стефан Влахов Мицов, издание на „Матица македонска“од Скопје.
За најновото остварување на познатиот филозоф,историчар и книжевник ќе говорат проф.д-р Тодор Чепреганов и амбасадорот и публицист Ристо Никовски.
„Филозофија на балканскиот пекол“ е обемно монографско истражување кое се чита како занимливa лектира. Авторот докажува како се фалсификуваше историјата на Балканот од антиката до денес и каква е улогата на летописците и хроничарите за одрдени круцијални теми. Мицов констатира дека самовеличањето на сопствените држави и негирањето на соседите создава искривена слика за балканските народи, а промената на идеолошките матрици ја деградира и психологијата на балканците, особено по 19. век па се до денес кога најпрвин Големите сили ја пренапишуваат историјата на овој регион, создавајќи вештачки нации и особено, кога балканските држави се обидуваат да создадат нова историја за себе, која треба да соодветствува на западноевропската.
Стефан Влахов Мицов е автор на дваесетина книги од областа на филозофијата, публицистиката, книжевната критика и есеистика. Континуирано ги проучува, анализира и толкува балканските историски процеси во нивната антрополошка и психолошка длабочина.. Како резултат на неговата темелна подготвеност и систематичност во изминативе десет години тој ги објави делата: „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“, „Вируси за поматени мозоци“, „Хероите и потомците“, „Македонската еманципација на Балканот“ и „Држава како се гради и брани“.