Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ денеска ќе биде промовирана книгата „Ферментација на демократијата и на нацијата – сите македонски пролети од 1943 до 1993 година“ од проф. д-р Димитар Мирчев, издание на издавачката куќа „Силсонс“од Скопје.
За најновото остварување на авторот ќе говорат амбасадорот Ристо Никовски и проф. д-р Далибор Јовановски.
Димитар Мирчев беше професор по политички науки, надворешна политика и меѓународни односи. Тој е поранешен проректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, наставник на повеќе домашни и странски универзитети. Како амбасадор во Словенија и во Светиот престол во 1998 година го доби од Папата Јован Втори највисокото одликување за неговите заслуги и дејност во дипломатијата, мирот и разбирањето меѓу народите. Автор е на многубројни трудови, учебници, монографии, студии и истражувања, посебно за политички живот. Добитник е на највисоките државни награди за остварувањата во областа на науката, образованието и културата – “Св. Климент Охридски” (2006) и “11 Октомври” (2012).