Книгата „Две минути и четириесет реда“ од авторката Александра Јуруковска ќе биде промовирана вечер на платото пред Младинскиот културен центар.
Станува збор за збирка радио-критики, како и новински критики пишувани во период од петнаесетина години за весници, списанија и портали.
Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамки на авторската рубрика „Книга-фаворит“.
Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.
Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, а наменети се за пошироката публика.
Александра Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во земјава. Во Македонското радио ја уредува и ја води рубриката „Книга-фаворит“ во која, во период од пет години, напишала критики и рецензии за околу 200 книги. Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медијапан во Сараево. Во периодот од 2009-2012 била уредник на СТУДЕНТ ФМ, радиото на УКИМ и стручњак од пракса за радионовинарство.
Во 2017, во 2018 и во 2020 г. била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Во 2018 година била гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното електронско списание.
Од 2012 година е еден од уредниците на порталот www. cooltura.mk. Во моментов е уредник на Редакцијата за култура на Алфа ТВ.
Нејзините новинарски текстови, рецензии и есеи за литература и театар се објавувани во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во државава. Учествувала на повеќе конференции и научни дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008 до 2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2018) е интердисциплинарна студија за третманот на културата во македонските медиуми.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на редакцијата на гласникот „Стожер“ – гласникот на ДПМ.