Промоција на книга од Марко Коловски „47 Македонски композитори“

Од:

Утре со почеток во 12 часот, во кино „Фросина“ – Младински културен центар ќе биде промовирана книгата „47 Македонски композитори“ од авторот Марко Коловски, а во издание на Сојузот на композиторите на Македонија. Во книгата се содржани портрети од четриесетиседум македонски композитори – од првата генерација до најмладите автори, со исцрпна биографија, со опис на нивното творечко кредо и со целосен попис на нивниот творечки опус.

Всушност – оваа публикација прави мост меѓу двата доминантни начини на досегашно претставување на творештвото на македонските композитори: (1) лексикографскиот, – со сета строгост и лапидарност во формулациите што ги налага лексикографијата и (2) парцијалиниот – застапен во книгите на повозрасните македонски музиколози во кои преку приказ на одделни композиции се прави обид да се представи делото на нашите автори. На таков начин Коловски се соочува со еден од најтешките предизвици: на еден релативно кус простор, со еден поглед да биде опфа­тен целокупниот опус на застапените автори.

Благодарение на долгогодишното бавење со македонското музичко творештво и со увидот стекнат притоа, тој на околу 240 страници од оваа книга успева да го опфати со „еден поглед“ творештвото на оние автори што ја градеа и што ја градат историјата на македонската музичка култура.

Посебен придонес за современите проучувачи на македонската музика е фактот што во книгата, освен најафирмираните претставници на првите генерации македонски автори, се содржани портрети на дваесетина млади автори за кои во досегашните публикации од сличен вид неможеше воопшто, или можеше сосема малку да се прочита. Освен биографскиот дел и описот на главните творечки карактеристики на секој автор, книгата содржи податоци за околу пет илјади композиции од застапените композитори, класифицирани според нивната жанровска припадност и вид.

Промотори на книгата „47 македонски композитори“ од Марко Коловски ќе бидат Проф. Д-р Јане Коџабашија и Проф. Живоин Глишиќ, – и двајцата истакнати претставници на македонското музичко творештво и музикологија и застапени во книгата на Коловски. Во рамките на промоцијата ќе биде изведена и музичка програма.

Би можело да ве интересира

Француско-руска вечер со пијано и виолончело на „Охридско лето“, Ал Ди Меола на Антички

Емир Латифовиќ

Поради невреме во Охрид, концертот на Сандовал презакажан за вечер

Емир Латифовиќ

Меѓународен фестивал „Фолклорен Мост“ во Струга

Емир Латифовиќ

„Where Jazz Meets Clasical“ – концерт на „Скопско лето“

Емир Латифовиќ

„Три дена во септември“ доби награда за најдобра музика на фестивалот SEE a Paris

Предраг Петровиќ

Mакедонската култура на Фестивал на франкофонијата во Созопол

А1он