Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ утре ќе биде промовирана книгата „Статии и анализи за македонскиот јазик“ од Круме Кепески (1909-1988), автор на првата македонска граматика.
Книгата ја објави „Македоника литера“ и содржи статии, говори, предавања и разработени јазични прашања, што се однесуваат на општите согледувања на развојот на македонскиот јазик и за одделни јазични прашања; на методиката на наставата за македонскиот јазик и на лексиката на македонскиот јазик.
– Овие трудови на Кепески се исклучително значајни од лингвистички и културолошки аспект поради фактот што тој е авторот на првата македонска граматика, основоположник на граматичарската дејност во Република Македонија и најплодниот автор со дури педесетина изданија на граматики на македонскиот јазик наменети за образованието. Трудовите на Круме Кепески го одбележуваат и развојниот пат на македонскиот литературен јазик, информира издавачот „Македоника литера“.
Промоцијата на книгата од Кепески е организирана во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“, а ќе ја претстави д-р Веселинка Лаброска.