Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ќе се одржи промоција на Избрани дела во пет тома, на истакнатиот македонски писател Тодор Чаловски.
За богатиот поетски и критичко-есеистички опус на Тодор Чаловски ќе зборуваат Веле Смилевски, претседател на ДПМ, Весна Мојсова Чепишевска и Венко Андоновски.
Стихови ќе интерпретира Александра Велинова, а на кавал ќе придружува Перо Сарџоски.
Тодор Чаловски член е на ДПМ од 1969 година. Бил претседател на Друштвото на писателите и претседател на Собранието на ДПМ. Добитник е на највисоките признанија за поезија што се доделуваат во Македонија.
Застапуван е во бројни антологии и во други панорамски претставувања на македонската поезија и литература во земјава и во странство. Негови стихови се преведени на петнаесетина јазици во светот.
Избраните дела во пет тома на Тодор Чаловски ги објави издавачката куќа „Галикул“ од Скопје.