Книгата „Ервехе“ од академик Луан Старова во превод на бугарски јазик ќе биде промовирана вечер од 18.30 часот во македонскиот Културно-информативен центар во Софија.
Раскажува за мајка која го посветила животот на преживувањето на нејзините деца и семејство во бурни времиња на Балканот во 20 век, кога границите меѓу државите се менуваат и семејства се принудени да станат емигранти за да преживеат.
Книгата на Старова е пофалба за жената и мајката и во време кога се разнишани темелите на семејството, тој пишува дека „ќе биде направено најмногу за светот ако секој го сака своето семејство“.
Луан Старова е професор по француска литература и член на МАНУ. Неговите книги се преведени на многу јазици и за нив тој добил голем број литературни награди: „Роман на годината“, „Рациново признание”, „Стале Попов“, „Жан Моне” за најдобар европски роман, „Ангелус“ за најдобар роман во Централна и Источна Европа…