Книгата „Антологија на заборавените македонски поетеси“ од писателката Ирена Павлова де Одорико денеска ќе биде промовирана во Друштвото на писателите на Македонија. Делото е посветено на творештвото на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска.
За новото дело на Ирена Павлова де Одорико ќе зборуваат д-р Весна Мојсова-Чепишевска и д-р Сашо Прокопиев, а делови од книгата ќе чита Софија Гогова – Врчаковска.
Средбата се одржува во рамки на активностите на Клубот на писателките „Даница Ручигај“ при ДПМ.
– Во ова дело Ирена Павлова де Одорико понудува студија во која ги разгледува суштинските аспекти на естетските вредности и можната заборавеност во годините по смртта на трите истакнати македонски поетеси. Есеистичкиот дискурс е збогатен со илустративен оддел на поетските светови на Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска, во кој свое место имаат антологиските песни на авторките, информира Друштвото на писателите на Македонија.