Институтот за македонска литература денеска ќе промовира „Антологија на македонската книжевност – книжевни остварувања од IX до XXI век“, прв интегрален избор на литературни творби создавани од св. Климент до денес.
Опфатени се текстови од македонската средновековна книжевност, од македонските народни умотворби, прилози од периодот на македонската книжевност во 19 век и од македонската книжевност од првата половина на 20 век, како и страници од современата македонска поезија, роман, расказ и драма.
Составувачи се Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Марко Китевски, Валентина Миронска-Христовска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Соња Стојменска-Елзесер и Мишел Павловски.
Антологијата ќе биде промовирана во Друштвото на писателите на Македонија и ќе ја претстават д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директор на Институтот за македонска литература, и писателот д-р Александар Прокопиев. Промоцијата ќе ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски.