Проектот „Мапирај го Крушево“ претставен во Прилеп

Од:

Во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп синоќа пред прилепската публика беше претставен аудиовизуелниот проект „Мапирај го Крушево“. Тројца прилепски уметници: Емил Солески, Дарко Талески и Јасмина Руневска, по Македониумот во Крушево, на прилепчани им го претставија впечатливото визуелно, звуковно и емотивно мапирање на историско Крушево. Преку различни техники се создадени визуелни мапи на звуци, мириси, чувства, приказни, спомени, во што директно учествуваа дел млади и повозрасни крушевчани.

Според Руневска, идејата е да се направат поразлични мапи од географските, историските. Ова се субјективни мапи со кои се претставуваат градовите, местата каде сме живееле или сме биле посетители.

– Идејата е на овие мапи да се „фатат“ заборавените места, заборавените приказни, навидум помалите кои всушност го прават градот или селото. Овде има направено визуелен колаж од текст кој е собиран од локалното население во Крушево. Тоа се повозрасни луѓе, но и мали деца кои раскажуваат приказни кои им се случиле во нивниот град. Токму преку тие приказни градот го добива обликот таков каков што е. Имаме мапи кои се направени во соработка со децата од основното училиште во Крушево. Тие си ги мапираа нивните омилени места, нивниот дом, но и домот на нивното другарче. Најинтересно беше мапирањето на оние објекти кои им недостигаат во Крушево. Има многу интересни идеи, како: сала за танци, па и салон за венчаници… Солески работеше со фотографирање на архитектурата, особено горниот дел на куќите кои изгледаа како традиционални орнаменти кои добиваа облик на геометриски форми, претставени како визуелна инсталација. Дарко Талески и јас го работевме текстуалниот колаж, а звуците во заднината се од приказните на жителите на Крушево. Заедно со децата ја направивме мапата на Крушево која беше поставена на целиот под во Македониумот во Крушево. Децата сами ги пронаоѓаа местата. Имаа обележано само основни главни улици и сето друго, пак, тие го додадоа, објаснува Руневска

Мапите прво беа изложени во Македониумот во Крушево, а сега и во Меморијалниот музеј „11 Октомври“-Участакот во Прилеп.

– Со ова емоционално мапирање на Крушево се надеваме дека ќе се актуелизираат подзаборавените места. Мапирањето ќе послужи за едно поразлично читање, доживување на убавините на градот. Оставивме и празни столчиња и тие се за сите заминати, отселени млади и повозрасни, што е голем проблем. Асоцираат на празните куќи поради отселените луѓе, нагласува Руневска.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и е дел од Новиот културен бран.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Параглајдеристот кој имаше несреќа во Крушево заминува дома

Повреден параглајдерист во Крушево, се пренесува со полициски хеликоптер

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

За Илинден до Крушево да се користат патните правци преку Битола и Кичево

Во Илинденско Крушево пристигнаа повеќе од 150 коњаници

Уапсен 73-годишен маж од Крушево – дома му нашле дрога, оружје и пари