Во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, денеска ќе се одржи втората по ред презентација на видеа снимени од студентите и професорите на одделот и насоката за сонологија со мултимедија при овој факултетот.
На настанот које е во рамки на одбележувањето 50 годишни од Факултетот за музичка уметност во Скопје, ќе бидат преставени хрониките на Институтот за истражување и архивирање музика (ИРАМ) за периодот од 2001 до 2003 година.
– Овие хроники најнапред беа снимани во рамките на ИРАМ, а потоа продолжени во Архивот Бужаровски (BuzAr http://buzar.mk/). Тие содржат околу 200 кратки видеа со документарен карактер за најразлични музички настани што се одвиваа на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и надвор од него. Во нив има информации за концертната активност на студентите и професорите на ФМУ, научните конференции на ИРАМ, одбрани на магистерски и докторски дисертации, промоции на дигитализираните колекции со музички фолклор, промоции на книги, компакт дискови итн, стои во соопштението од ФМУ.
Со овие проекции, како што се посочува, се одбележуваат и 15 години од започнувањето на наставата на одделот и насоката за сонологија со мултимедија при ФМУ која ја водат професор Димитрије Бужаровски и доцент Трена Јорданоска.