Дебатниот филмски клуб „Лале“, кој успешно функционираше во кафулето „Менада“ во изминатите две сезони, од денеска ќе функционира во џебното кино на Младинскиот културен центар каде што ќе организира бесплатни проекции.
Идејата на клубот е филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови по проекцијата на секој филм.
Клубот има и едукативна улога, со намера преку сопствени оценки и дискусија за филмовите да ги поттикне креативните размисли на филмофилите.
Селектор на програмата и модератор на дебатите е филмскиот критичар Влатко Галевски.
– Програмата која ќе ја нуди дебатниот филмски клуб „Лале“ е грижливо селектирана и е составена од филмови со врвни уметнички референци, но и такви кои се значајни по своето силно влијание, или се значајни заради контроверзноста, авангардноста и деликатноста било во тематска или естетска смисла, секако и оние кои се издвојуваат со својата храброст, провокативност и, конечно, филмови кои имаат силен авторски печат, информира МКЦ.
Почнувајќи од денеска со белгискиот филм „Човек гризна куче“, проекциите ќе се одржуваат секоја среда со почеток во 20 часот во џебното кино на МКЦ.