Издавачката куќа „Слово“, во едицијата Македонски роман, го објави романот „Призраци со срмени нишки“ од Калина Малеска, која влегува во кругот на помладата македонска писателска генерација.
Таа е автор на уште неколку книги романи, раскази и драми, со интерес одбележувани и читани во нашата средина.
Романот „Призраци со срмени нишки“ е современа, урбана приказна за луѓето и за трошноста на нивните врски, а пред сè за младите луѓе во една средина.
Авторката вешто ги поврзува настаните од секојдневниот живот, давајќи им интензитет на психолошките расположенија кои се производ на флуидноста на односите меѓу луѓето или, поконкретно, на реалните тешкотии младите луѓе да им најдат исходиште на своите желби и стремежи.