Признание за животно дело за Мето Јовановски

Од:

Годинашен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ од Крива Паланка е еден од најголемите македонски актери Мето Јовановски, кому на отворањето на фестивалот му беше доделено признание за животно дело.

На првата фестивалска вечер во НУ Центар за култура Крива Паланка беше прикажан краток филм посветен на животот и делото на Јовановски.

Театарскиот критичар Гоце Ристовски говореше за животот и делото на Јовански, за кого рече дека е актер со маркантно присуство и на телевизија и во театарот, носител на повеќе од 30 меѓународни награди и признанија.

– Мето Јовановски е грамаден актер кој оставил голем, траен, печат на театраот, но и филмот, во Македонија, на Балканот и пошироко. Восхитен од неговата огромна љубов кон театарот јас секогаш стојам простум пред него и учам од неговата културна етика. Горд сум што сум сведок на овој голем чин од историјата на мојот град Крива Паланка и посакувам ореолот на светецот Јоаким Осоговски чие име го носи фестивалот да го следи и овенча со светлина и успеси големиот Јовановски и во иднина, истакна Ристовски.

Наградата за животно дело што се доделува секоја година за посебни заслуги во развојот на македонската театарска уметност му ја врачи градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

– Благодарен сум и горд што сум лауреат на еден фествал кој е успешна приказна, мост, спона за народите во заедништво, како зрак светлина во мракот наталожен на овие простори од стереотипите на минатото, изјави Јовановски.

Тој додаде дека сите досегашни учесници на овој фестивал се вградени во мозаикот на големината и убавината-театарот.

– Според Достоевски убавината ќе го спаси светот, а јас велам, убавината во нашите души е дар Божји кој треба да се негува за да ги затоплува нашите закоравени срца. Преку театарот и традицијата на неговото постоење ова се постигнува сосема лесно, рече Јовановски.

Нагласи дека се надева оти Крива Паланка со своите убавини и културни добра и понатаму ќе биде центар на културата.

– Овој град со вековна традиција нека и понатаму зрачи со силата на убавото во чест на илјадалетното постоење на Св. Јоаким Осоговски и нека биде ориентир за сите посетители. Благодарам од срце за наградата, а овој фестивал е добра традиција и патоказ дека историјата и традицијата треба да се негуваат, заврши Јовановски.

Организацискиот одбор на фестивалот секоја година доделува признание за животно дело, а до сега го добиле актерите Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски и Страшко Милошевски.

На ревијалната фестивалска програма која започнува вечер ќе настапат театри од Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Хрватска и Македонија.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Бела ноќ“ во Скопје

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар