Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележува 70 години постоење.
Театарот дал големи актерски имиња во македонската театарска уметност, освоил бројни награди во земјава, а во последната декада и многу признанија во странство.
Неговата работа почнува уште далечната 1950 година со премиера на претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ во режија на Аце Михајлоски.
„Градскиот народен одбор на Прилеп во есента 1948 година донел одлука со која се формира Градскиот народен театар во Прилеп. За неколку месеци, ентузијасти од Приелп со десетина кои работат, главно во театарската група на КУД „Мирче Ацев“ и со други ентузијасти кои уште од пред војната работеле во други друштва („Коста Абрашевиќ“, „Трезвената ложа“ каде се театарски секции) го формираат приелпскиот театар. Во 70-те години постоење, театарот има околу 370 премиери, одиграни се околу 7 500 претстави а ги гледале над 1 600 000 посетители“, рече Рубин Белчески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чиј склоп работи театарот.
Во чест на големиот јубилеј, од понеделник почнува Недела на театарот. В понеделник е премиерата на претставата „Лажговци“ од Антони Нелсон во режија на Коле Ангеловски.
Во седумте дена, од 17 до 23 февруари, секојдневно ќе има театарски настани.
Во вторник е музичко-сценски перформанс на прилепските актери со групата „The Hounds“. В среда е претставата „Семејни приказни“, в четврток „Ништо без Трифолио“, в петок е претставата „Пиреј“, в сабота е „Глембаеви“ а в недела е детската претстава „Приказна за ветрот и месечината“.
Сите претстави се во приелпскиот театар со почеток од 19.30 часот, освен детската која е в недела напладне.