Прилепскиот театар и Слободан Унковски работат на „Ајнштајновите соништа“

Од:

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја почна соработката со режисерот Слободан Унковски на новата претстава „Соништата на Ајнштајн“ според текстот на американскиот новелист и физичар Алан Лајтман.

Пробите почнаа и ова е соработка на општо задоволство особено за младата актерска екипа на театарот, истакна раководителот на Прилепскиот народен театар Стојан Дамчески на денешната прес-конференција во прилепскиот театар.

– Во годината кога театарот одбележува 60 години се остварува целта еминентни режисерски имиња да работат претстави со прилепскиот ансамбл. Соработката со режисерот Унковски е задоволство, особено за младата актерска екипа. Во претставата се вклучени сите млади актери на ансамблот и уште шест од претходната претстава на Унковски, „Солун – град на духови“. Претставата паралелно ќе се игра и во Прилеп и во новата театарска сцена „Навигатор Цветко“ во Скопје за која оваа ќе биде и прва претстава. Премиерата  се очекува кон крајот на октомври, рече Дамчески.

Режисерот Унковски вели дека со тексот „Ајнштајновите соништа“ се занимава веќе 20 години. На некои сцени досега работел во Атина и во Скопје и ова е прв пат што со ансамблот на Прилепскиот театар артикулира цела претстава. Текстот е базиран на разните аспекти на времето.

– Дејството се случува последните месец дена кога Алберт Ајнштајн ја дефинира својата теорија на времето. Тоа е низа од 29 сонови кои ги има Ајнштајн и се допираат разните аспекти на времето. На пример, еден аспект е тој кога девојка од 26 години легнува во креветот, почнува да размислува за својот живот и што ќе се случува понатаму. Кога ќе стане од креветот, таа има веќе 56 години и нејзиниот живот поминал. Оваа тема досега не е обработена. Ова е прв чекор на проектот. Ќе има „Ајнштајновите соништа 2“ и тој дел ќе го работам од средината на јануари наредната година во Белград, во Југословенско драмско позориште. Се уште не знам дали двата проекта ќе се сврзат и дали вториот ќе биде продолжение на овој што го работиме со прилепскиот ансамбл. Претставата ќе биде необична, нема да биде базирана само на енергијата и експлозијата на музиката,туку ќе воведеме и нови аспекти како следен чекор во развојот на ансамблот, изјави Унковски.

Драматизацијата на текстот е на Русомир Богдановски, а музиката ја работи Златко Ориѓански. За костимите претстои договор со екипата. Преку проектот е воспоставена соработката со театарот „Навигатор Цветко“ од Скопје.

– Што се однесува до оваа нова театарска сцена, со поддршка на Министерството за култура и на општината Центар ќе се обидеме од едно кино кое е запоставено и осум години не работи, да направиме една мала сцена со околу 250 места за публиката и да почнеме да играме претстави. Во театарот „Навигатор Цветко“ ќе се игра и оваа претстава што ја подготвуваме со прилепскиот театар, објаснува Унковски.

Би можело да ве интересира

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Јордан Симонов од МНТ најдобар актер на фестивалот „Албански театар во Македонија“

Предраг Петровиќ

Врачено признанието лауреат на актерот Ристановски и промовирана монографијата 15 години МТФ „Св. Јоаким Осоговски“

Со доделување на наградата за високо актерско достигнување завршува ФКТ „Ристо Шишков“

Предраг Петровиќ

„Галеб“ од Чехов премиерно во битолскиот театар

Предраг Петровиќ